Зошто се организираат Парадите на гордоста? Зошто ЛГБТ лицата имаат потреба да парадираат?
„Прајд” всушност претставува своевидно сеќавање на 28 јуни 1969 г. и т.н. Стоунвалски бунт во Гринич Вилиџ кај Њујорк, кога за прв пат во историјата, ЛГБТ лицата, потпомогнати од либералните “стрејт” клубови започнале физички отпор поради малтретирањето од страна на полицијата, која приведувала лица само заради нивната сексуална ориентација. Од тогаш, тој ден, исто како и 1 мај или 8 март, се одбележува како ден за борбата на правата на лицата со поинаква сексуална ориентација од хетеросексуалците.
Како што геј движењето забрзано се развиваше и како што многу нивни права беа остварени во меѓувреме (т.е. изедначени со правата на хетеросексуалците), пред сè, во Европа и Америка, манифестацијата во поголемите центри добива комерцијален карактер и се претвора во Парада на гордоста - забавна манифестација која и понатаму ги истакнува спецификите на хомосексуалната ‘’поткултура”, во нејзината разноликост: од геј политичари до drag queen перформерки. Гордоста овде, пред сè, претставува гордост заради храброста во борбата за своите права, како и одговор на омаловажувањето од патријархалната средина, а не гордост заради сексуалната ориентација како таква -таа напросто варира од лице до лице и нема никаква априори негативна или позитивна вредност.
Во Македонија, сеуште не постои "геј парада" во оваа форма затоа што тоа е специфично западно искуство, кое се појавило во одредени историски околности, долго се развивало и менувало,додека во Балканот парадите првенствено имаат политичко значење и се организираат како протестни маршови.
Второ, се користат основните права загарантирани со Уставот, слободата на собирање и протест - протестирање со цел да се потенцира дека дискриминацијата спрема ЛГБТ луѓето сеуште е присутна, барајќи нејзино укинување.
Трето, самиот настан е дел од борбата за ЛГБТ рамноправност. Никогаш не е доцна да се започне борбата против дискриминацијата и нетолеранцијата. Самиот протест треба да биде дел од преземените чекори и основа за создавање на услови за толеранција. Ако стоиме и чекаме нештата сами да се решат, нема ништо да постигнеме - политичката историја ни покажува дека маргинализираните групи секогаш морале да се борат за изедначување на своите права. Жените и припадниците на црната раса се добри примери за тоа.
Парадите на гордоста се манифестации кои ги загрозуваат правата на мнозинството кое се бори против хомосексуалноста?
Кое право на мнозинството е загрозено?! Ниту едно. Од друга страна, правото на слобода на здружување е загарантирана со Уставот, а редовно протестираат различни групи на луѓе - од бегалци, до жени, до работници. Протестот е, според тоа, легална и легитимна форма на борба на оние кои се загрозени, а притоа не загрозува никого, затоа што не ги дискриминира другите, туку бара одбрана од дискриминација. Мнозинството има право да се спротивстави на хомосексуалноста, но со тоа не може и не смее да ги загрози човековите права на другите граѓани и да ја ограничи со закон пропишаната слобода апликативна за сите.
Парадата на гордоста го навредува јавниот морал?
Нема ништо неморално во протестот кој бара елиминација на дискриминацијата, обезбедува правила и ограничувања на однесувањето во јавноста (на кои ќе се придржуваат самите организатори), бидејќи тој е во согласност со законот. Размената на нежност и бакнежи, која секојдневно ја гледаме кај хетеросексуалните парови во јавноста на нашата заедничка култура на ниеден начин не го прекршува моралот, тогаш зошто истите постапки кај хомосексуалците би биле неморални? Тоа што не е во ред тука е што им се одзема слободата на хомосексуалците поради дискриминацијата и често во вакви случаи, вербалните навреди завршуваат со физичка агресија.
Зошто ЛГБТ заедницата инсистира на организирање на Парада кога таквите паради се небезбедни и често доаѓа до насилство?
Апсолутна сигурност не постои никаде, па и при вакви настани или собири од сличен тип, како и други протести, концерти и слично. На крајот на краиштата, самите луѓе кои доаѓаат преземаат одговорност за нивната безбедност претходно знаејќи дека се работи за ризичен собир. Сепак, свесни за тоа, организаторите во соработка со полицијата и приватното обезбедување, ќе направи сé за секој да биде безбеден и неповреден. Овие припреми се суштински дел од одбележувањето на Денот на гордоста, на кои сериозно и темелно се пристапува неколку месеци однапред, со пратење на тековните политички настани и со постојано проценување на безбедносната ситуација. Ако е значително компромитирана, манифестацијата ќе се помести за тогаш кога официјалните власти и организаторите ќе проценат дека соодветните услови се исполнети. Безбедноста на учесниците е на прво место и никој не може да тврди поинаку.
Зошто хетеросексуалните лица не парадираат?
Затоа што нивните права на основа на таа одредена лична природа не се загрозени. Хетеросексуалноста е насекаде околу нас, мнозинството не е загрозено затоа што е претежно составено од хетеросексуалци. Ако сакаат, хетерсексуалните лица би можеле да организираат сличен собир и никој нема да ги спречува во тоа, ниту законот ниту ЛГБТ популацијата и поединци. Формални пречки во таа смисла, нема.